Србија се спрема за врел дочек во Скопје

Женската репрезентацијата на Македонија, утре во „Кале“ ќе ја пречека селекцијата на Србија на натпревар од второто коло од квалификациите за ЕП Франција. 

Србинките пред поаѓањето за Скопје, во своите изјави за тамошните медиуми потенцираа дека се фаворити, но дека и гостувањето во Скопје знае да биде незгодно. 

„Не не интересира нивниот меч со Шведска. Таму Швеѓанките беа фаворити и стигнаа до победа. Нас не интересира овој натпревар. Ќе се игра во „Кале“, сала со помал капацитет во која може да се направи добра атмосфера. Тоа е добро, моите ракометарки треба да го почувствуваат притисокот и тоа да ни користи за следните натпревари. На хартија сме фаворити, но тоа мораме да бидеме и на теренот“, изјави за Обрадовиќ, селекторот на Србија за „Балкан-хендбал“. 


Селекторот на Македонија, Симе Симовски, јасно посакува подобра игра од таа што ја прикажа неговиот тим во Шведска. 

„Се фокусираме на овој натпревар. Анализиравме, одработевме неколку тренинзи и сега целта ни е да прикажеме добра партија овде. Ако го намалиме бројот на грешките мислам дека можеме да се претставиме во поинакво светло отколку во Шведска. Домашен терен, се надевам дека ќе има публика и ќе ни биде мотив плус. Не размислуваме на ништо, единствено ни е важно да одиграме најдобро што можеме и да ја одбраниме чест“, вели Симовски. 


Натпреварот почнува во 19:00 часот, а ќе се игра во салата „Кале“. Влезот ќе биде слободен. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk