Ларвик губи од кого стигне

Женскиот ракомет во Европа веќе не е тоа што беше. Еден по еден почнаа да се рушат бастионите изградени во деведесеттите, клубови гиганти што доминираа низ Европа и што го моделираа ракометот ваков каков што го познаваме. 

Остана само уште едно место за сензација, сите други мега проекти заминаа во историјата. Почна со Мар Валенсија, продолжи со Кометал Ѓ. П., на ред дојдоа и Подравка, Крим, Хипо, тука некаде е и Виборг. 

Денеска одбележуваме пад на уште една ракометна империја - Ларвик. 

Кога Вардар на почетокот на летото го доби Ларвик за противник во групата, сметавме дека тоа е лизгав терен. Но, нема да биде така. Ларвик годинава е просечен тим од првенството на Норвешка. И натаму неговото име буди стравопочит, посебно во домашното првенство, но многу е извесно Норвешка по 18 години да добие нов шампион. 

Пред две години, кога Ларвик прв пат беше начнат, Норвежаните извадија статистика која велеше дека Ларвик 15 години нема загубено натпревар во Норвешка. 
Годинава има одиграно три натпревари од кои загуби на два!
Во првото коло Фредрикштад, екипа која годинава влезе во елитната серија го победи Ларвик (28:25) и тоа на негов терен! Таа сензација беше малку, па во третото коло, Ларвик повторно загуби. Овој пат како гостин од Сола (26:27). Бадијала беа 14 гола од Лин Кристин Ригелут, единственото име во нивниот состав што буди сеќавања на моќниот тим што во 2011 стана европски шампион, а по тоа уште двапати играше во финалето на ЛШ. 

Ларвик е на колена, неговата доминација е завршена по три кола во новото првенство. Сега во Европа останува само уште еден неосвоен бастион. Само уште една екипа не памети пораз во домашното првенство повеќе од една деценија - Будуќност. Тие се последните од некогаш елитното друштво кое со години владееше со женскиот ракомет во Европа. 



 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk