Со Лино Червар, никогаш не е здодевно. За тоа мора да му одадеме признание, но тие што малку подобро го знаат ќе се согласат за една работа. Ретко се среќава човек кој размислува толку потези однапред како што тоа го прави тренерот на Металург и актуелен селектор на сениорската репрезентација на Хрватска.
Затоа и новинарите што го следат Металург, некако и се истренираа тоа што тој го зборува во моментот да го сместат во некој кадар од иднината.
Во претходен разговор, Лино Червар, изјави дека неговиот ангажман со Хрватска завршува во јануарското ЕП, а тренерската мисија во Македонија во 2019.
Јасно, ниту едното ниту другото е врежано во камен, но да претпоставиме дека така ќе биде. Со Хрватска посакува злато на ЕП, со Македонија исто така медал - на кадетското СП што ќе се одржи во 2019.
Затоа и Металург што ќе го гледаме годинава и следната веројатно ќе биде насочен кон создавање на тим што во 2019 година ќе има 90 % репрезентативци. Еднаш веќе му појде од рака со Талески, Кузмановски и другите, сега на ред доаѓаат Серафимов, Танкоски, Шилегов, кои ќе бидат следните, ќе видиме.
„Во 2020 кога ќе се заокружи Олимпискиот циклус, Македонија преку Металург, ќе има три генерации на играчи. Тие што ќе имаат 20, 22 и 24 години. Македонија ќе биде домаќин на кадетско СП во 2019 и со тие момци треба да направи резултат“, изјави Лино Червар, потсетувајќи дека овој клуб не само што се израмни, туку на СП Алжир стана тим што создава најмногу репрезентативци во Европа. Ривали му се ГОГ Гудме од Данска, Веспрем од Унгарија, а веќе е надминат Целје кој беше европски еталон по ова прашање.
Тоа е големата, помалата слика е често поинтересна. Лино во моментов нема никаква функција откако си замина од кормилото на сениорската репрезентација, па прашањето кое бара(ше) директен одговор е дали се гледа во некое својство во тимот за 2019
„Јас живеам за ракометот. Освен семејството, ракометот ми е сè во животот. Никогаш не сум имал заштитник, израснав на улица и никому ништо не му должам. Дадов сè од себе и затоа додека моето здравје ме држи, доколку видам дека луѓето сакаат да соработуваат со мене – јас сум подготвен да го дадам мојот придонес. Можам и како тренер и како координатор и како советник, додека паметот и здравјето ме служат ќе бидам на располагање. И не сакам повеќе на оваа тема да зборувам, се знае мојот став. По ЕП во Хрватска, ќе видиме дали некој ме сака или не, дали ќе сораотуваме или не или ќе продолжам да ја пишувам мојата трета книга. Секогаш ќе се враќам овде и сам и со моите внуци и секогаш ќе бидам подготвен да помогнам.Скопје нема толку лесно да се реши од мене“, вели Червар.
Коцката е фрлена, останува да видиме како Лино ќе работи на својот план, како ќе оди создавањето играчи, како ќе оди соработката со ХРС, РФМ и финално, каква ќе биде неговата улога во 2019 година.