ЃОРЃИ НАЧЕВСКИ: Последна минута

Ѓорѓи Начевски е македонски интернационален судија со ИХФ и ЕХФ значка. Заедно со Славе Николов се ракометни судии од Македонија  со околу 600 меѓународни натпревари, рекордери во Македонија


Денеска се играат првите натпревари во СЕХА Гаспром со што официјално ќе биде отворена новата сезона. Пред да почнат битките на теренот, да се потсетиме на некои поважни работи што често ги оставаа гледачите во прашалници.

Во својата прва колумна пишував за пасивната игра и деталите што обичниот гледач можеби ги знае, а можеби и не. Со оглед на тоа дека не толку одамна беа променети неколку правила кои ја прават играта поразлична од тоа што досега беше, а судиските одлуки често погрешно се коментираат врз база на тоа што претходно се знаело, ќе дадам неколку објаснувања за последната минута. Во рамките на тие 60 секунди, по промените, судиите се обврзани да носат одлуки што се во согласност со правилата, но можби не и со желбите на гледачите и тоа што тие го очекуваат.

Правилата се исти од првата до 60-та минута. Но, во последната минута важат поригорозни мерки. Бидејќи ИХФ одлучи дека цела минута е предолго за да важат ригорозните мерки, времето беше скратено на последните 30 секунди од мечот.
Во овој период, доколку судиите оценат дека некој член од екипите со намера задржува време, се досудува црвен картон и задолжителен седмерец за противничката екипа.

Овде подразбираме и погрешна замена, излегување од блокот при изведување на фаул, неспортско однесување и се што може да биде причина за опструкција на нападот, а е надвор од дозволеното.  Посебно кога се работи за спречување на контра-напад или груб фаул, одлуките на судиите се поригорозни.

Секој погруб фаул, на кој било дел од теренот, може да биде санкциониран со црвен картон и задолжителен седмерец.  Син картон се користи само во исклучителни ситуации.

Од друга страна, пак, не секој фаул е црвен картон. Правилото за две минути си останува. Исто како и во претходните 59 минути.

Претпоставувам дека овие правила веќе се добро познати, но има и некои детали што на пример не ги знаат сите и можат да предизвикаат забуна.
На пример, ако прекршок е направен во 59:28, а времето биде запрено подоцона. Односно, прекршокот е напревен порано, но додека биде изречена санкцијата и биде запрено времето, мечот влезе во последните 30 секунди, тогаш правилото не важи. Се смета моментот кога е направен прекршокот, а ако тој не влегува во последните 30 секунди, тогаш правилото не важи.

Ако играч биде фаулиран и судијата оцени дека тоа е за црвен картон и седмерец, но тој успее да додаде до соиграч тогаш се дава предност. Ако соиграчот што ја добил топката не успее да погоди, тогаш се досудува црвен картон и седмерец.
Ако, пак, во таква ситуација соиграчот што ја добил топката од фаулираниот играч, направи уште едно додавање, тогаш правилото за предност веќе не важи.

Треба да се има на ум и да се внимава на моментот што поради притисокот што го трпат судиите, многумина во последната минута многу полесно се решаваат да досудат седмерец. Посебно ако резултатот е тесен.
Ако резултатот е со повеќе голови разлика, тогаш јасно дека на теренот е порелаксирано, но треба да се има на ум дека правилата важат и во тој случај.

Правилото за последна минута, важи и за последната минута од евентуално продолжение на натпреварот.
За тоа колку трае последниот напад и какви се правилата при сигнализирање на пасивната игра, можете да прочитате во претходната колумна.

Со надеж дека наредниот натпревар ќе ви биде полесен и поинтересен за гледање, ве поздравувам,  до следната колумна
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk