Сезона за Мартин Серафимов

Металург се откажа од ангажман на српскиот десен бек Никола Ивановиќ откако не беше импресиониран од тоа што тој го покажа на кадетското СП што се игра во Грузија. Претходно пропадна и така тенката опција за доаѓање  на Владан Липовина, па така единствено решение на Металург на десната бековска позиција останува Мартин Велковски.

Како што сме информирани од клубот, во моментов е запрена потрага по нов десен бек. Металург на трансфер пазарот игра само со една карта, а таа е Халил Јагањац. Потрагата по десен бек е доведена до стадиум – ако нешто неочекувано се појави, тогаш...

Има и причина зошто е ова вака, а таа не носи до темата на овој текст. Причината има име и се вика Мартин Серафимов. Тој е леворак бек од подмладокот на Металург и тој ќе добие шанса оваа сезона да биде тоа што минативе беа Талески, Кузмановски, Нелоски...  Заедно со Мартин Велковски, кој ќе биде првиот избор.

За Серафимов велат дека е исклучително интелегентен бек. Не е класичен шутер, но има добар одраз, шут и што е исклучително важно – ја разбира играта. Ако кога екипа игра седум на шест, тоа е моќно оружје. Висок е околу 190 сантиметри, физички ќе треба да зајакне, јасно е се уште е генерација позади.  Но, тој заедно со Велковски се долгорочниот план на десната бековска позиција, а веќе знаеме дека тоа што се бруси во Металург главно завршува како финален производ во сениорската репрезентација.
Димитриоски, Танкоски, Шилегов веќе ги видовме, редот доаѓа на Серафимов. Не е рано да се фрли во оган. И на терен и во етерот.

Медиумите често беа обвинувани дека премногу ги форсирале Талески, Нелоски, Кузмановски и другиот дел од играчите кои завршија како шести во светот. Од наш агол, ако треба одново, потворно би го направиле истото. Подобро да се носат со притисокот, отколку да им ја одземеме самодовербата со вечното чекај, млад е, премногу е форсиран ... А по тоа во еден момент главно тие кои викале „чекај“ да излезат со изјава од која се превртуваат цревата. Сте слушнале веќе за филозофијата  „не веруваа во нас, но ние ете докажавме“.

Мартин Серафимов е новиот проект во „Автокоманда“, заедно со споменатите Димитриоски, Танкоски... И годинава ќе бидат под новинарската лупа.
Металург често знае да се покрие со велот македонски проект, иако и оправдано е напаѓан поради минутажата и улогата што на терен ја имаат странските играчи.

Но, кога ќе се подвлече линија, 11 од 16 јуниорски репрезентативци на Македонија се од Металург. Во нивниот лански тим, играа 14 од вкупно 16 јуниорски репрезентативци што сега се шести во светот. И тој факт е несоборив во дискусиите за македонскиот проект.
Генерацијата на Талески и Кузмановски исплива од јуниорските води. Сезонава е сезона на Серафимов, Танкоски, Димитриоски...  Па останува да видиме како ќе ја искористат и во кој правец ќе тргне нивната кариера.

фото:  rkmetalurg.mk
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk