СЦ „Борис Трајковски“ има нов директор

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје има нов директор. На функцијата која досега ја извршуваше Златко Перински е назначен Александар Петровски. 

Новиот директор во спортскиот центар е личност која е тесно поврзана со двата веројатно најголеми корисници на салата. Тоа се ракометниот клуб Металург и музичката продукција „Авалон“. 
Александар Петровски Сајкал е поранешен ракометар на Вардар, Металург, поранешен македонски репрезентативец... Во моментов ја извршува и функцијата тренер на екипата Металург 2. Претходно беше тренер на женскиот клуб Металург, а пред да стане самостоен тренер неколку години беше асистент на Лино Червар на клупата на првиот тим. За тие кои не следат спорт, ќе напоменеме дека е сопруг на нашата позната пејачка Кристина Арнаудова (фото).

Од агол на играч и тренер отсекогаш бил во таборот на „паталците“ кои со години условно кажано војувале со управите не само на спорскиот центар чиј директор е сега, туку и на сите други сали. Проблематиката не само што му е позната, туку ја има почувствувано добро и на своја кожа, не еднаш. 

За „Авалон“ има работено на над 30 концерти одржани во „Борис Трајковски“ и којзнае уште колку на други локации. Добро ја знае и проблематиката гледано и од перспектива на естрадата. 
Па така ако повлечеме линии од спортскиот и од естрадниот дел, тие неминовно ќе се пресечат на најмалку една точка, кај неговото име. 

Предизвикот со кој сега ќе се нафати е тој од другата страна. А тоа е сосема различна приказна. Голем предизвик кој неминовно ќе ги покаже неговите менаџерски способности, а под ова подразбираме и добри и лоши страни. Веруваме дека е направен добар избор, сега е на ред да се докаже. 
 

„Ние немаме 200 милиони за трошење да градиме нови големи сали. Затоа мораме да се фокусираме на тоа „Борис Трајковски“ да биде во добра состојба и одржлив како репрезентативен објект уште многу години. Знам дека не чека сизифовска работа, но верувам дека ќе успееме. Имам многу планови, но да одиме чекор по чекор“, вели Петровски. 


Неговото назначување веројатно ќе иницира промена и на тренерската позиција во Металург 2. Таму во моментов работи заедно со Раде Стојановиќ, па очекуваме неговиот асистент да ја добие главната улога на клупата и тренажниот процес, а Петровски да има некоја друга функција со која ќе остане активен во ракометот и ќе го одбрани 12 годишното инвестирање во тренерската кариера. 


фото: приватна архива на Кристина Арнаудова
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk