Како што сега стојат работите, Европските Купови сериозно ќе го променат и изгледот и форматот во 2019 година.
Под притисок на елитните клубови, Лигата на шампионите ќе се промени и како што неофицијално се зборува, ќе се формираат две Европски лиги.
Во првата, ќе има 12 евентуално 16 екипи. Тоа е европската елита на која во моментов и припаѓа и Вардар. Овие екипи ќе играат по систем по кој се игра во најголемиот дел низ Европа. Ќе играат секој со секого, по тоа сосема извесно ќе се игра фајнал фор, што е најдобриот продукт на ЛШ и во моментов.
Во Втората Европска лига би имало 24 екипи. Во оваа група на екипи во моментов припаѓа Металург. И тие би играле секој со секого, веројатно поделени во две групи. Очекуваме да има испаѓање и влегување во елитната лига.
Генерално и сега се игра нешто слично, иако со новите лиги, ќе бидат појасно дефинирани некои работи. Првенствено околу тоа тој каде ќе игра. Наводно сето ова ќе им даде на гледачите еден нов подобар продукт, но јасно е дека гледачите не се тие поради кои се менува системот. Системот ќе се менува поради тоа што најдобрите клубови сакаат повеќе пари.
Наводно и ЕХФ се согласил да ги отстапи маркетиншките права, па ако е тоа случај, големите клубови ќе добијат поголем дел од колачот.
Останува да видиме што ќе се случи со помалите клубови. Дали ако оваа идеја се реализира ќе постои ЕХФ Куп или и тој ќе се трансформира? Што ќе се случи со Челинџ Куп? Многу прашања ќе се отворат. Големите веројатно ќе бидат задоволни, но колку од трошките ќе останат за помалите?
На крајот да додадеме, дека ова не е официјална информација. Ова се информации кои ги собираат медиумите низ цела Европа. Точно е дека се планира и најавува реформа, тоа не е никаква тајна. Но, дали ќе биде токму вака, ќе почекаме да видиме, додека не протече уште некој детал.