Што научивме од јуниорското СП?

Двонеделната авантура наречена СП Алжир е зад нас. Испишана е уште една страница во светската ракометна историја. Запишана е и Македонија на таа страница. Како шеста сила во светот. Пред овој мундијал да се архивира, убаво е да резимираме неколку работи што порано или подоцна ќе тропнат на сениорската врата на светскиот ракомет, вклучително и на нашата. Па да видиме што „научивме“ од алжирскиот мундијал. 

- Појаки сме од Русија. Би било убаво што почесто со нив да се среќаваме на големите натпреварувања. 
- Дефинитивно сме појаки од Полска. 
- Логиката вели дека сме појаки и од Чешка, Словачка, Украина, Белорусија, Австрија ...
- Резултатите велат дека имаме подобар тим и од Словенија, Хрватска, Шведска и Норвешка. Па сепак, не би се излетувале со фалби дека сме подобри од нив.  
- Ако не сме тактички добро подготвени и не влеземе внимателно на секој натпревар, проблеми ќе ни направат и репрезентациите од кои мислиме дека сме многу подобри. Како Португалија на пример. 
- Франција и Шпанија се многу силни. Од нас се посилни за 10 гола разлика. И на тоа треба да внимавме и да учиме од нив. 
- Данска и Германија се исто така многу силни. Многу. 
- Тунис и натаму ќе ни биде противник со кој ќе имаме многу проблеми.
- Алжир можеме да го победиме каде и да играме. Ако имаме вистински пристап.
-  Нема да се чудиме ако на ЕП во 2020 ги видиме Фарски Острови. Тие се новиот добар „скандинавски“ продукт.
- Филип Талески треба да биде новиот Кирил Лазаров. Или новиот Пепи Манасков... 
- Томи Јагуриновски е првиот Македонец што на големо натпреварување виде како изгледа син картон. И дека тоа не е играчка.
- Мице Шилегов имаше свои пет минути. 
- Ако Филип Талески е новиот Кирил Лазаров, тогаш Ласе Мелер е новиот Микел Хансен. 
- Тинекс Пролет има полно право на сите во лице да им каже дека го има најсупешниот тренер Македонец. И повторно сите само ќе одмавнат со рака. 
- Македонскиот тим одлично изгледа на победничко селфи.
- Алекс Душебаев нема сам да ја брка славата на својот татко. Даниел Душебаев покажа талент вреден да се одбележи.
- Шпанија ја презема доминацијата во младите категории од Франција. Но, најголем проблем на Французите во иднина и натаму ќе биде Данска. Исто како и во сениорска репрезентација. 
- Франција на позицијата десен бек, на Недим Ремили му додава уште двајца ракометари во конкуренцијата. Дика Мем и Мелвин Ричардсон. 

Најважното од се е дека Македонија по години пауза успеа да извади репрезентација од која ќе очекуваме настапи на ЕП и СП. Ова е само почетокот, тешкиот дел допрва доаѓа. Вакуумот кој владее кај нас, кога јуниорите ќе ја завршат преселбата во сениорскиот тим сигурно ќе дојде до израз. Но, по четири-пет години оваа екипа ќе биде кадарна сама да се носи со сите предизвици. Се надеваме дека периодот од четири-пет години е наша утка и дека порано ќе видиме дела за одбележување. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk