Не спасија одбраната и седум на шест

Македонските јуниори ја минаа трнливата прелиминарна рунда и подобро од очекувањата од позицијата број два влегоа во елиминациите. 
Не беше лесен патот до 1/8 финалето, мораа да голтнат две кнедли и да се соочат со критиките од оваа страна на Медитеранот во моментите кога не им одеше. Знаеме веќе како одат тие работи, но си одработија на натпреварот кој беше да се биде или не и сега одново се глорифицираат, фалат и слават. 

Интересен беше патот до 1/8 финалето, конкретно решавачкиот натпревар со Бразил, екипа која игра нетипична одбрана на која европските екипи не се навикнати. Недостатокот во висина во дефанзивната зона ја надополнуваат со длабоки излегувања, бркање на противниците дури до центарот и создавање на еден мал хаос на теренот во кој е потребна максимална концентрација за да се задржи контролата врз играта.

Илија Темелковски пред Бразил постојано потенцираше дека мораме да ја поправиме одбраната за да може и нападот да биде подобар. Одбраната беше далеку подобра од таа на натпреварите со Тунис и Шпанија, а во нападот имаше и опција плус.

„Гледајќи го Бразил на претходните натпревари, решивме да играме седум на шест. Јас не сум поборник за цел натпревар да се игра така, но во одредени ситуации оваа игра е многу корисна. Позитивно за нас е што не мораме многу да ја вежбаме со оглед на тоа дека речиси сите играчи имаат искуство со оваа тактика. Пропуштивме и неколку добри шанси да направиме поголема разлика уште порано“, вели Темелковски.


Во вториот дел, работата се искомплицира. Бразил ја анулираше нашата предност, во еден момент дури и поведе. 

„Можам да кажам дека седум на шест не спаси во моментите кога стана критично. Тие во прв момент ни играа длабоко и на таа тактика и ни оставија многу простор. Во клучните моменти, кога нашиот напад почна да се гуши и кога одново нападнавме со седум играчи мораа да ја вратат назад својата зона, а тоа им даде шанса на нашите шутери. Ние имаме добри шутери и ја искористивме шансата. Одигравме и добра одбрана во тој период, голманот одбрани важни топки и успеавме да ја вратиме предноста и да победиме“, изјави Темелковски. 


Следниот предизвик е Алжир, а централна фигура во нивниот тим е голманот.

„Алжир ќе има полна сала, голема поддршка, но мислам дека можеме да ги победиме и елиминираме. Имаат одличен голман, можеби најдобриот на турнирот, иако на натпреварот со Саудиска Арабија не беше на нивото од претходните натпревари. Имаме еден ден одмор, ќе го искористиме и да се подготвиме за нив и да се одмориме. Сега е полесно за нас, притисокот е олабавен, но не се задоволуваме со ова. Сакаме да го направиме и следниот чекор“, вели Темелковски. 


Македонија и Алжир ќе играат утре, а терминот е доста незгоден. Во 21:45 почнува натпреварот што треба да не одведе во 1/4 финалето. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk