Екипата на Еурофарм Работник денеска го објави потписот на Златко Мојсовски на новиот едногодишен договор со клубот.
Така битолчани формираа нов крилен тандем Мојсовски - Ојлески кој има заедничка историја.
„Се договоривме и официјализравме. Задоволен сум во Еурофарм Работник. Клубот е добар, стабилен, амбициозен. Останувам овде и следната сезона со желба во најмала рака да го повториме ланскиот резултат и добро да се покажеме во Европа“, изјави Мојсовски.
Цела недела во етапи битолчаните објавуваат потписи на нови и продолжуваат со играчите од ланската екипа. Досега ги претставија Марко Чампар кој ќе го замени Ашраф Адли на линијата, по тоа Гоце Ојлески кој доаѓа на позицијата на која лани играше Серхио Барош, а нов играч е и Филип Ивановски.
Од ланскиот тим, нови договори потпишаа тренерот Андон Бошковски, дефанзивецот Фарук Мемиќ, по тоа Игор Трајковски, Стефан Талевски, Горан Крстевски, Градимир Чаневски и Дарио Петровски.
Следен за претставување би требало да биде Лазо Мајнов кој има „пружено рака“ за нов договор, по тоа Дејан Пецаковски, а клубот можеби ќе доведе уште еден лев бек, можеби уште некоја позиција ќе биде зацврстена.