ЃОРЃИ НАЧЕВСКИ - ПАСИВНА ИГРА

Ѓорѓи Начевски е македонски интернационален судија со ИХФ и ЕХФ значка. Заедно со Славе Николов се ракометни судии од Македонија  со околу 600 меѓународни натпревари, рекордери во Македонија
 
Разбирливо ми е тоа што во жарот на борбата, секој гледач се претвора во судија и знае да суди подобро од судиите што се на теренот.  Исто така и секој гледач ги „знае“ сите ракометни правила, одново, подобро од судиите.  Јасно ми е дека кога натпревар се гледа во друштво, тој што зборува најгласно е во право. Јасно ми е дека гледачите навиваат, коментаторите навиваат и дека кога омилената екипа губи и за гледачите, играчите, тренерите и управите, многу често за тоа се „виновни“ судиите.

Имајќи го сето тоа во предвид, не е лошо да се помине уште еднаш низ правилата на ракометната игра, во оваа прва колумна, за пасивната игра,  и на што треба да водите сметка кога ќе го гледате следниот ракометен натпревар.

Вообичаено, на натпревар кој има нормално темпо, нападите траат околу 40-тина секунди до минута. Водете сметка дека секој напад е нова посебна приказна, а времето не е ограничено. Критериумот за тоа колку трае напад пред да биде означена пасивна игра се воспоставува во првите десет минути. Не само за пасивната, критериумот за многу елементи на натпреварот се поставува во почетните минути и тие траат до крајот на натпреварот. Ако во петтата минута активен напад трае 40-50 секунди, и во 59 и 60 минута активен напад ќе трае толку.

Битно е да се знае, дека ако екипата која се брани, инсистира на фаули и задржување, нема да може да изнуди пасивна игра, туку ќе биде прогресивно казнета со жолт картон или исклучување.
Ако екипата која напаѓа, во најчест случај кога води, во текот на натпреварот го успори темпото, тогаш и времетрањето на нивниот напад се намалува.

Пасивна игра може да се досуди и по две-три додавања доколку екипата што напаѓа е неактивна и се обидува да задржи време. Ако екипата напаѓа активно, не може да и се досуди пасивна игра врз основ на времетрањето на нападот. Во тој случај следи погореспоменатото прогресивно казнување.

Откако ќе биде сигнализирана пасивна игра, екипата што напаѓа има право на 6 додавања.

Работа што треба да се знае е дека за прво додавање се брои додавањето што играчот го направил откако по прекин ја добил топката. Ако играчот по прекин добие топка  и не ја додаде, туку тргне во соло напад и притоа биде фаулиран, тогаш има нулто додавање, односно не се брои.

Ако екипата на пример направи две додавања и следи фаул, по изведениот удар им остануваат уште четири додавања.

Ако има шут и топката се одбие во аут, тогаш тимот добива едно додавање плус.  Ако има шест додавања и шестото додавање е шут кон голот и топката се одбие во аут, тимот добива едно додавање плус.  Ако во овој случај играчот тргне во соло напад и е фаулиран, екипата добива едно додавање плус.

По сигнализација на пасивна игра, ако екипата не напаѓа активно, може топката да и биде одземена и пред да стигне до шест додавања.

Седмо додавање се санкционира, дури и ако е на пример цепелин.

Пасивната игра престанува по одбрана на голман, удар во конструкција на голот, жолт картон или исклучување. По ова екипата добива нов напад кој не е временски ограничен, но имајќи предвид дека екипата веќе напаѓала е пократок.
 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk