Стојановиќ и Лапајне во Металург

Откако во неколку наврати му успеа да доведе анонимни играчи кои подоцна се докажаа и направија убави трансфери и резултати, Металург и оваа сезона лови млади непознати таленти кои, треба да одиграат во Лигата на шампионите и да бидат поддршка за домашните ракометари.

Веќе информиравме дека Црногорецот Божо Ангелиќ (25) е пред потпис со Металург. Тој требаше денеска да стигне во Скопје и да парафира договор, но тоа ќе се случи најверојатно во петок. Да потсетиме и дека Дарко Димитриевски, македонскиот играч се враќа во „Автокоманда“ исто како и голманот Никола Даниловски. 

Нов играч во редовите на Металург, треба да биде и Словенецот Јануш Лапајне. Тој има 22 години, висок е 198 сантиметри и доаѓа од редовите на  - Пари Сен Жермен. Звучи нереално, но не е. ПСЖ има стратегија со која лови млади таленти низ Европа, а по тоа ги пушта низ клупското сито. Во ПСЖ во таквото сито заглави и еден Вилијам Акамбре, па така за Лапајне престојот меѓу „светците“ е добар за неговото резиме, а што се случило играчки, ќе можеме да видиме наскоро во „Автокоманда“. Игра на позиција лев и централен бек. 

Третиот нов странски играч се вика Лука Стојановиќ и е јуниорски репрезентативец на Србија. Минатата сезона настапи за нив на кадетското ЕХФ ЕУРО првенство (најсилниот шампионат до 18 години) и постигна 33 гола. Игра на позиција централен бек и во моментов е ракометар на чешкиот тим Талент Плзењ. 

Во исчекување да се разреши ситуацијата со уште неколку играчи со кои се преговара, посебно од својот табор, Металург е при крај со затворање на ростерот. Ќе бидат во потрага по квалитетен десен бек уште извесно време, ќе чекаат Костески да одлучи дали останува или не, ќе чекаат и разврска со Немања Обрадовиќ и Марко Нелоски. 

Приклучени од Металург 2 ќе бидат централниот бек Марио Танкоски и играчот кој игра и центар и крило - Димитар Димитриоски. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk