Рајн Некар ја одбрани шампионската титула во Германија! На две кола до крајот, „лавовите“ имаат пет бода предност пред Флензбург и математички се новите бундес-шампиони.
Ваквиот расплет доаѓа само три дена откако РНЛ како гостин го совлада Флензбург. Очигледно, демотивираните ракометари на Флензбург не успеаја да се вратат во ритам по тој пораз и беа совладани и од екипата на Гепинген (27:31). РНЛ, пак, му одржа триесет минутна лекција на Кил и по 11:10 на полувреме, запиша победа од 28:19. Така РНЛ дојде до предност од пет бода која му е доволна за одбрана на шампионскиот пехар.
За екипата на РНЛ, познато, настапуваат и два македонски ракометари. Дејан Манасков и Филип Талески кои во своето резиме додаваат и шампионски пехар од најсилната лига во светот.
Пред три дена Бергишер на Аце Јоновски изгледаше безбеден во трката за опстанок, но сега веќе не е така. Лемго го совлада Вецлар каде игра Миркуловски (29:26), Бергишер загуби дома од Мелзунген (26:28), а победи запиша и Гумерзбах и тоа на гости кај Берлин, па така сега 5 екипи се во игра за трите места кои обезбедуваат опстанок. Разликата меѓу 17 пласираниот Балинген и Гумерзбах кој е на позицијата 13 е само четири бода. Има уште две кола до крајот.
Поврзани вести