Почитувани читатели, чест ни е да ви го претставиме G-Sport, портал првенствено наменет за ракомет, збогатен со уште неколку теми кои имаат за цел да ја подигнат свеста за важни прашања и да ве релаксираат, информираат и забавуваат.
Одбравме да работиме на продукт кој првенствено ќе ве почитува вас како читатели и ќе ви понуди информации без сензационализам. Обејктивноста и вистинитоста на информациите што ќе ги прочитате овде се нашиот врвен приоритет. Ќе ви обезбедиме и презентираме мислења од релевантни фактори. Ќе имате можност да прочитате и различни, веруваме и спротивставени ставови за иста тема. Да ви дадеме можност да формирате ваше мислење, според проверени факти, кои ние ќе ги обезбедиме.
Очекувајте мислења од познати домашни и странски стручњаци и од ракометниот свет и од светот на екологија и здравје кои ќе пишуваат колумни, коментари и ќе кажуваат свои ставови. Особено задоволство и мотивација за да ја почнеме приказната на G-Sport беше фактот што секаде наидовме на отворени врати и поддршка за овој проект. Затоа и се одлучивме за слоганот „веб портал за писмени“.
G Sport нема да биде ловец на лајк и клик. Свесни сме какви содржини привлекуваат масовност, но наспроти пазарната логика, и согласно со нашето мото, одбравме да не бидеме такви.
Можеме да ви гарантираме дека нема да ви падне вилицата на земја, да ви се крене косата на главата ниту пак ќе ви се заледи крвта од текстовите објавени на нашиот портал. Наслови кои почнуваат со „шокантно“, „нема да верувате“ или „ова не сте го виделе“, едноставно – нема да видите.
Свесни сме и за тоа дека патот по кој тргнуваме, не е поплочен со златни плочки, туку угорнина на која најбрзо успева да порасне трње. Но, кога зад нас по 18 години новинарски труд и десетици илјади напишани текстови се затвораа вратите на некогашната медиумска империја, се одлучивме да продолжиме да го работиме тоа што го сакаме. На наш начин.
Со надеж дека ова е почеток на едно убаво пријателство, ве очекуваме на страниците на нашиот портал
Ричи Ѓамовски