Обрадовиќ се поздрави со Металург

Металург ќе се менува следната сезона. Како и во кој обем засега е отворено прашање. Во секој случај промените нема да бидат козметички, затоа што ситуацијата полека излегува од рамките на контролата

По Марко Нелоски кој веќе побара исписница, Немања Обрадовиќ, најдобриот играч на Металург минатава сезона, стана вториот ракометар кој објави дека заминува од клубот. 
 

„Последен натпревар сезонава, последен натпревар во овој дрес. Со многу добри резултати и стекнати пријателства, ќе се сеќавам на оваа сезона засекогаш“, напиша на својот ФБ профил српскиот интернационалец по натпреварот со Е. Работник со кој завршија обрските на „металурзите“ во првенството. 

Обрадовиќ би требало да се пресели во Висла Плоцк. Имајќи предвид како течеле ваквите трансфери во „Автокоманда“, со оглед на тоа дека Обрадовиќ има уште една година договор, не би се обложиле на тоа дека се ќе мине „мазно“. Поверојатно е дека ќе има преговарање и наговарање, но конечниот епилог сеедно би требало да биде негово заминување.

Да беа само Нелоски и Обрадовиќ, Металург можеби и немаше да има многу причини за загриженост. Но, состојбата во „Автокоманда“, многу одамна ги има минато сите нивоа на „алармантно“. 
Додека траеше сезоната, се минуваше преку многу работи, но сега е дојдено времето да се реши ситуацијата. Наскоро ќе стигнат и роковите за пријавување во Лигата на шампионите, а ЕХФ кога ќе се делат валјд-каритет ќе следи што се случува и со играчкиот кадар.

На ред за преговарање или решавање на судбината чекаат и Жарко Пешевски и Никола Костески, а барем во овој момент не би исклучиле сценарио кое подразбира трансфер и за играчите кои имаат договори, како што се Дарко Арсиќ, Вања Илиќ и така натаму. Предраг Вејин и така веќе нема договорни обврски.

И не се само играчите. Незаобиколна тема кога е Металург во прашање е централната фигура, Лино Червар.
 

Ќе видиме. Металург е клуб кон кого чувствувам голема огдоворност и обврска. Но, мораме да разговараме со сопственикот и да видиме какви се плановите. Ако клубот има амбиции и стане стабилен би останал. Ако не, тогаш, не гледам смисол да се продолжува“, изјави Лино Червар. 


Ова не е ништо ново, но некако имаме впечаток дека клубот се врти во круг и постојано се враќа на истиот крстопат. Првенствено , дали ќе опстане или не. Ако опстане, како ќе изгледа? Кои играчи остануваа, кои си одат. Тоа се прашања кои одамна не ги мачат само навивачите и љубителите на ракометот, туку и играчите и сите структури на клубот

Автор: Ричи Ѓамовски

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk