ДРАГАН ЃУКИЌ: Кој тоа таму пее?

Авторот на колумната е master coach на ЕХФ, актуелен селектор на Ц. Гора и поранешен селектор на Македонија, Израел, Швајцарија, Јордан и тренер што ја водеше В. Британија на ОИ Лондон. На клупски план бил тренер на Макаби, Мадеира, Вардар, Пик Сегед, Ц. Звзеда, Металопластика итн.
 
Завесата на клупската сезона полека се спушта. Остана да се одигра уште најважното финале, а Македонија со скриен оптимизам го чека финалниот викенд. Вардар има свои шанси, можеби токму заради тоа што ќе биде во сенка на позвучните имиња, гигантите на европската сцена какви што без сомнеж се Барселона, ПСЖ и Веспрем. Грешка која не би сакале да ја направи никој кому „црвено-црното“ му е во срце (од навивачи, играчи, стручен штаб, па до врвот на Вардар) е да создава каков било вид на притисок. Момвите веќе направија многу, во Келн ќе играат за сопствената бесмртност.

Пехарот од ЕХФ Куп го одбрани Гепинген. Факт е дека никој не е изненаден од овој расплет не произлегува само од тоа дека беа домаќини на турнирот. Многу повеќе зборува германската доминација во ова натпреварување. Во овој век, само на Барселона и Пик Сегед им појде од рака по еднаш да го запишат своето име на победничкиот пехар. Во сите други случаи, победниците доаѓаа од Германија!

За екипите учесници, често најпосакуван, а во сепак, во реалноста најмалку почитуван на небото на европските натпреварување е пехарот од Челинџ Куп. „Утехата“ во неговото освојување овој пат ја пронајде португалскиот Спортинг. Заслужено, се прошетаа низ ова натпреварување притоа покажувајќи ја својата доминација. За нив, како и да е, најважните предзивици допрва доаѓаат , во домашното првенство. И кога веќе ги споменав локалните шампионати, не можам да не подвлечам дека со длабокото навлегување на првенствата во месец јуни, играчите (тие се тие кои најмногу трпат), а со нив посредно и селекторите на националните тимови, се доведени во ситуација најважните битки да пласман на ЕП да ги играат недоволно подготвени. Од техничко-тактичка (не)подготвеност за најважните натпревари , преку умор и ризик од повреди, до откажување на настап и се што тој чин понатаму носи.

Само еден викенд по едно фантастично финале какво сигурно ќе биде тоа во Келн, сите нас не очекува продолжение на квалификацискиот процес за ЕП Хрватска и тоа е поводот за обидот преку овој мал осврт заедно да ги запознаеме со современ речник кажано лидерите, менаџерите, водачите на најквалитетните европски репрезентации во овој момент. За таа цел, издвоимвме 29 имиња. За неколку недели ќе бидат познати 16-те величенствени кои успеале своите тимови да ги одведат на едно посебно ЕП какво што ќе биде тоа во Хрватска.

Данска – Николај Јакобсен (Данска, 1978), Унгарија – Хавиер Сабате (Шпанија, 1976), Холандија – Фиге Јоп (Холандија), Летонија – Угис Викстремс (Летонија, 1969), Србија – Јовица Цветковиќ (Србија, 1959), Белорусија – Јуриј Шевцов (Белорусија, 1959), Романија – Чави Пасквал (Шпанија, 1968), Полска – Пјотр Пжибецки (Полска, 1972), Шпанија – Жорди Рибера (Шпанија, 1963), БиХ – Билал Шуман (БиХ, 1968), Финска – Кеки Кај (Финска), Чешка – Јан Филип (1973) и Даниел Кубеш (двајцата од Чешка, 1978), Македонија – Раул Гонзалез (Шпанија, 1970), Исланд (Геир Свеинсон, Исланд, 1964), Украина – Виталиј Андронов (Украина, 1972), Германија – Кристијан Прокоп (Германија, 1978), Португалија - Паоло Переира, (Португалија, 1966), Словенија – Веселин Вујовиќ (Ц. Гора, 1961), Швајцарија – Михаел Сутер (Швајцарија, 1976), Шведска – Кристијан Андерсон(Исланд, 1981), Ц. Гора - Драган Ѓукиќ (Србија,  1962), Словачка – Мартин Липтак (Чешка, 1964), Русија – Димитри Торгованов (Русија, 1972), Франција – Дидие Динар (Франција, 1977), Литванија  - Гинтарас Савуканас (Литванија, 1971), Норвешка – Кристијан Берге (Норвешка, 1973), Белгија – Сила Жериме (Франција, 1969), Хрватска – Лино Червар (Хрватска, 1950).

Како што може да се види, ова е многу шаренолико друштво. Од тренери кои работат во најдобрите светски екипи (Барселона, Вардар, РНЛ) до помошен тренер во австрискиот Швац (селекторот на Летонија). Просечната старосот од 46 години крие некој од доаените на светскиот ракомет како Лино Червар (67) или некој од „вундеркиндите“ како Кристијан Андерсон (36) и Кристијан Прокоп (39).
Исто така паѓа во очи дека нема изразена доминација на поедини земји, како што доскоро беше случај со Шпанците, но и дека нема ниту една жена на клупите на машките репрезентации, што не тера да се запрашаме дали разликата е навистина – толкава.

Тоа што мене, како на човек што работел на многу различни проекти ми „боде очи“ е што целиот процес на селектирање, подготвување, па и самото натпреварување се претвори во инстант продукт во кој е поважна формата од суштината. Можеби веќе и по тој принцип федерациите почнуваат да бираат стручњаци кои по најкраткиот пат ќе ги одведе до посакуваниот резултат. А, ако нешто сум научил низ сиве овие години, е тоа дека нема скратен пат. Дури и кога ќе се случи такво нешто, брзо ќе се видат и последиците од та „стратегија“.
Една работа е некој да го знае јазикот или да работел во таа средина (Вујовиќ, Червар, Јакобсен, Гонзалез) да го води националниот  тим користејќи ја работата во клубот како предност, а сосема друго е кога некој сака со името и тренерската аура да ги покрие сите пропусти во стратегијата. Секоја чест за величината на еден Пасквал кој ја раздрма Романија, но за вистински и целосен успех, треба нешто повеќе.

И секогаш кога ќе дојдам до овде, доаѓам до точката во која уште еднаш „откривам“ зошто Французите се пред другите. Ќе набројам неколку работи, а вид драги читатели сами донесете залкучоци.
Само три селекторски имиња во последните 32 години! Даниел Константини, Клод Онеста и Дидие Динар. Секогаш продолжуваа каде што застанал претходникот и секогаш ја подигаа летвичката уште малку во висина.
Селекторот е во целост посветен на тимот, нема клупски ангажман. Води сметка за целата пирамида на репрезентативни селекции и е делод ТИМ на тренери кои водат сметка за нивните репрезентации. Мислите ли дека тоа е случајно?

Француската федерација од веќе подзаборавената „Б“ група во 1989 и пласманот на СП во Прага (кој тогаш мислеше за нив како за сериозен тим, а камоли супер сила) имаше разработена стратегија за тоа што сака и каде оди. Добро ги паметам, игравме против нив со тогашната младинска селекција на СФРЈ, затоа што не беа ни блиску до нашиот сениорски состав.

Денеска мажите се светски шампиони во сите возрасни категории, а жените во врвот на светскиот ракомет (сребро на ОИ, бронза на ЕП). Ние и натаму не ги сфаќаме сериозно... Но, кој е овде несериозен? Заклучокот од многу одамна се наметна, само прашање е кога ќе се разбудиме од сонот и ќе тргнеме во потера на тие код ни избегаа на хоризонтот. Или можеби е доцна?
 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk