ЖИКА БОГДАНОВИЌ: Каде и да се сретнеме, ќе седнеме

Автор на колумната е Жика Богдановиќ. Еден од најдобите ракометни новинари на Балканот, пионер на електрoнското новинарство и сопственик на порталите www.balkan-handball.com и www.handball-planet.com


Со седум кори е овој наш новинарски леб. Како и се што работите во животот, секој медал има две страни. Така на едната се гледа се тоа што е убаво, што го преживуваме патувајќи, одејќи на места каде што „обичните смртници“ не можат и исполнувајќи некои соништа од детството. Соништа кои не се поврзани со некоја здодевна работа од 9 до 5, во која чекате денот да дојде и да замине.

Од другата страна се вечните дилеми, притисоци, непочитување на целата преофесија, а над се беспарицата. Неа, како новинар или ќе ја игнорирате или ќе прифатите да ја носите како невидлива грба доколку сакате да се занимавате со оваа професија.

Меѓутоа, кој владее со новинарскиот занает,тој е богат човек. Има нешто што со пари не се мери. Има повеќе работи. Сите тие напластени сеќавања од Катар до Скандинавија, сите тие години минати на тркала, сите тие луѓе кои сте ги запознале, градови низ кои сте прошетале, сали што сте ги затвориле. Сите тие убавини на работата кои сте ги препознале, прават од новинарот хроничар на животот.

А животот е убав и треба да се живее. Дури и во тешкиве времиња во кои новинарската професија го губи идентитетот и се се претвора во едно те исто, клик-новинарство, и каде што ни е се потешко да препознаеме квалитет. Сите полека ја губиме битката со таа чума, но додека успеваме да ги избуткаме „кој, што, каде, како и кога“, главата ни е над вода.

Матрица на обичниот свет дека новинарите сеат омраза, не може да се примени на еден спорт кој сите нас, од Вардар до Триглав безброј пати не направи горди. Ракометните новинари од просторите на екс-ЈУ се една голема, „клапа“, дружина, движење. За заедничките авантури потребен е роман, не колумна. Едни на други „завидиуваме“ на талентот на играчите, навивачката еуфорија, инспирација, успесите, но се разбираме. Каде и да се сретнеме – ќе седнеме.

Од лично искуство знам колку е тежок почетокот. Колку енергија е потребно за еден проект да го види светлото на денот  да се подигне во очите на луѓето. Верувам дека G-Sport ја има таа енергија, а простор на интернет и на небото секогаш ќе има доволно за секого.
Искуството и знаењето,  со додаток на ракометот како национален спорт во Македонија, на што ние северно од Куманово ви завидуваме, ми даваат за право да кажам дека со задоволство ќе се изначитам добри текстови, а и ќе напишам колумни за своите пријатели во годините што доаѓаат.
Среќно
 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk