Уште еден брз круг сврте битолскиот ракометен ролер-костер кој е во погон цела сезона. Брзо се крена еуфоријата и уште побрзо спласна. Смената на Ларс Валтер, назначувањето на Александар Јовиќ, кам бекот на Звонко Шундовски и убедливата игра и победа над Нексе кој неспремен за судир со ракометна Битола во најнезгоден за нив момент влета во „Боро Чурлевски“ ја кренаа еуфоријата. Ослабениот и со не многу јасна европска иднина Вардар изгледаше како шанса што нема да се промаши. По втор пат.
Малку треба за еуфорија во градот кој се нарекува најракометен. Имаме впечаток, можеби се лажеме-можеби не, дека дури ни лани, кога практично една топка го делеше Е. Пелистер од 17 години чеканиот шампионски пехар не беше вака тензично и со вакви очекувања како сезонава.
Вчерашното дерби покажа дека зелената ера ќе почека. Имаат пелистерци уште еден меч да демантираат, но гледајќи од сегашниот агол, шампионскиот пехар нема да си замине од витрините на најуспешниот македонски спортски колектив на сите времиња.
Во Битола, пак, следиме преку социјалните мрежи еуфоријата спласна, а ја менуваат комбинирано гнев и разочараност.
Управата е на удар затоа што дозволила мечот да се доигра, виновна за изборот на играчите, играчите се виновни за неборбеност, незалагање и крајно неквалитет. И особено меѓу нив - Осама Хосни. Тунискиот бек е во моментов со најнизок рејтинг меѓу битолските фанови и веројатно ја игра првата и последна сезона за Е. Пелистер. Етикетата што ја доби вчера, не веруваме дека ќе успее да ја одлепи до крајот на сезоната.
Не само тој, ќе земеме слобода да предвидиме - резот на лето ќе биде подлабок отколку што се чинеше пред вчерашниот меч. Тренерското дуо засега има најмногу џокери за трошење.
Поврзани вести