Пишува: Ричи Ѓамовски, главен уредник на g-sport
Големо дерби се играше вчера во Германија. Меч што решава за шампионска титула меѓу Кил и Фуксе Берлин пред повеќе од 10.000 гледачи во „Вундерино арена“. Поточно 10.285 гледачи, стари и млади, семејни луѓе, дојдени со деца или друштва со платени влезници што чинат од 15 до 60 евра. За да купите онлајн билет на Кил, мора претходно да сте согласни со правилата за однесување во салата, а се однесуваат од места за седење до соработка со редарската служба или полицијата. Правилата се составени од 13 точки.
Дербито, како и сите претходни во целата лига мина беспрекорно.
Германците во нивниот ракомет денеска инсталираа нова независна комисија која ќе работи на превенција и сузбивање на насилство. Чудни се Германците.
Големо дерби се играше вчера и во Македонија. Меч што решава за шампионска титула меѓу Вардар и Е. Пелистер пред повеќе од 4.000 гледачи во „Јане Сандански“. Поточно непознат број, стари и млади, семејни или друштва со платени влезници што чинат од 2,5 до 3.5 евра. За да купите билет во Македонија ви требаат само пари.
„Ваква атмосфера нема никаде, не се купува со пари, треба да ја доживеете“, изјави еден од поискусните актери по дербито.
Се согласуваме, ваква атмосфера - нема никаде. Но, според извештаите што ги гледаме денеска низ европските медиуми, не веруваме дека би платиле за да ја доживеат.
Единствениот проблем со атмосферата е што таа има две лица, исто како паричката што се вртеше на паркетот откако ја погоди целта - главата на голманот Урбан Лејсак.
Атмосферата не ја доживеаја и не ја доживуваат сите исто. Особено не тие стари или млади, семејни, дојдени со мали деца или со друштво со платени билети што мораа да скокаат и бегаат низ трибината за да не ги погоди нешто од пиротехничкиот арсенал, шише, паричка или каков и да е друг проектил од арсеналот фрлен кон непријателот.
Исто како и гледачите што имаа иста судбина и минатата сезона, а и оние во Кавадарци лани на Куп финалето кои се најдоа на патот на фановите што ја крерираат таа невидена во Европа атмосфера.
Среќа што еве трет пат минува без посериозни последици по некои од гледачите што дошле семејно со деца, да гледаат ракомет. До кога ќе нѐ следи среќата, е отворено прашање.
Чудни се Германците, направија комисија за решавање на проблем што го немаат. Кај нас проблемот го има, ама нема решение. Простете на песимизмот, ама сметам дека решение не е возможно. Никоја комисија или федерација или полиција нема да го реши овој проблем.
Не е само ракометен, го има во секој спорт. Тој е подлабок, системски, а Македонија ја нема Маргарет Тачер која ќе стави крај на насилствтото.
Фотографирање на претседателите пред меч, апели, соопштенија, тоа се потези што можат да бидат алиби, да соберат некој плус во моментот кај неутралната публика, но таа и така не е дел од проблемот, ниту пак од решението. Кај другите фанови, тие потези немаат ефект.
Празни трибини, парични казни, суспензија на терен, забрана за гостински навивачи... тоа се помалку или повеќе оружјата што се на располагање.
Можеби најстрашното оружје меѓу нив е казната за посериозни инциденти од ваков тип да се плаќа со одземање на бодови: Таа е далечна и во моментов радикална, но ако инцидентите имаат тенденција да се повторуваат тогаш можеби треба да се размислува низ друга матрица.
И кога на следниот натпревар на кој по казна нема да има гледачи и трибините ќе останат празни, сигурно ќе се најде некој што незадоволно ќе ја изрецитира познатата флоскула, „Па за кого се игра ракометот?
Точно така, за кого?