Во недела во Скопје ќе се одржи собир на ракометари од генерацијата 2006 и помлади. На списокот на повикани ракометари од оваа возраст, составен од целиот стручен штаб што на располагање го има сениорскиот селектор Кирил Лазаров во моментов се наоѓаат 46 ракометари.
Македонските кадети, генерацијата 2006 и помлади требаше да добие директен пласман на М18 ЕХФ Еуро 2024 благодарение на нивните за еден циклус повозрасни колеги кои уште летово ќе играат како кадети на СП, а потоа како јуниори на М20 ЕХФ Еуро 2024.
Нивни пех, ЕХФ го смени системот на натпреварување, М18 ЕХФ Еуро го прошири од 16 на 24 репрезентации и овие момци, генерацијата 2006 и помлади ќе играат квалификации.
Тие квалификации засега не се знае како ќе изгледаат, ниту точно кои се екипи ќе играат за 16 слободни места (осум репрезентации се директно квалификувани), но се знае дека ќе бидат групи со максимум четири екипи од кои најдобрата ќе се пласира на ЕП. Ќе се играат во јануари 2024.
Македонскиот тим, новата кадетска репрезентација во моментов брои 46 ракометари, а по неделниот собир ќе биде скратен на 20-25 играчи. Оваа селекција ќе ја направат сениорскиот селектор и неговиот стручен штаб, а наскоро новата кадетска репрезентација ќе добие и нов селектор. Тој ќе добие инструкции за системот на игра што ќе мора да го запази, а што ќе додаде свое и ново, тоа ќе зависи од неговиот тренерски квалитет. Нормално, ќе добие и мандат да ја моделира екипата, повикува нови играчи, да го следи развојот не само на овие 25 или 46 играчи, туку, комплетно на целиот кадетски ракомет.
На располагање ќе има полни осум месеци за да подготви екипа за јануарските квалификации.
Во Македонија покрај младинското и кадетското првенство задолжително се игра и пионерско државно првенство. Тоа е за ракометари до 14 години или генерација 2008 и помлади. Во ЕХФ/ИХФ нема соодветно натпреварување за оваа возрасна категорија, но планот на нашата сцена е да биде формирана и репрезентација од ракометари што се генерација 2008 и помлади.
Поврзани вести