Викендов се комплетираше втората фаза од квалификациите за ЕП 2024. Се одиграа 3 и 4 коло, специфични по тоа што меѓусебе играа два натпревари екипите од 1 и 2, односно 3 и 4 шешир според ранкингот за овие квалификации. Сега имаме распореди на табелите што имаат голема веројатност да бидат и конечни, откако во април ќе заврши комплетниот циклус.
Норвешка и се реваншираше на Србија за поразот во Нови Сад, Исланд и се реваншираше на Чешка за поразот во Брно. Но, Хрватска не ѝ се реваншираше на Холандија за поразот од Ајндховен (истата Холандија што нели Македнија мораше да ја победи на СП). Не само што не и се реваншираше за поразот од пет гола, туку не успеа ниту да ја победи.
А тоа во иднина, под услов и Хрватска и Холандија да си ги добијат дуелите со Грција и Белгија, значи дека Хрватите доаѓаат кај Македонија, во третиот шешир.
Но, не е само тоа.
Победите на Исланд и на Норвешка, значат дека Германија си останува според оригиналното сценарио во вториот шешир. Тие за себе ја имаат резервирано групата „1“.
Во групата „2“ во Манхајм, но сега како екипа од третиот шешир е сместена Хрватска. Понатаму, организаторот ги подели екипите вака: Исланд оди во група 3 во Минхен Норвешка во група 4 во Берлин, Шведска во групата 5 во Манхајм и Данска во групата 6 во Минхен.
Од првиот шешир остануваат Франција и Шпанија. И тие ќе одат во групите 1 и 2 каде што се Германија во втор, а Хрватска во третиот шешир.
Хрватите со новиот селектор си го расипаа ЕП уште непочнато. Во групата секако ќе ја имаат Франција или Шпанија, но место да добијат противник од трет шешир, сега ќе добијат противник од вториот. А само две екипи ќе продолжат во Главна рунда.
Горан Перковац кој беше жесток критичар на своите претходници, ќе остане запишан во историјата како првиот селектор со кого Хрватска не успеала да победи на домашен меч во квалификации за ЕП.
Интересно ќе биде и во четвртиот шешир каде што од третопласираните само Грција има во пракса обезбедено пласман на ЕП. Како второпласирани ќе им се приклучат Швајцарија и Романија, а потоа станува жестоко.
За другите три места ќе се борат седум третопласирани и сите во моментов имаат нула бодови (се пресметуваат само дуелите со прво и второпласираните). Ќе одлучува гол разликата, а во моментов сите се со гол разлика од -18 до -25 пред престојните дуели со фаворитите.
ШЕШИРИ ЗА ЕП 2024
1 ШЕШИР
Франција (група 1 или 2), Шпанија (група 1 или 2), Исланд (група 3), Норвешка (група 4), Шведска (група 5), Данска (група 6)
2 ШЕШИР
Германија (група 1), Португалија, Австрија, Словенија, Холандија, Унгарија
3 ШЕШИР
Хрватска (Група 2), Македонија, Србија, Црна Гора, Полска, Чешка
4 ШЕШИР
Швајцарија, Романија, Грција
4 ШЕШИР (Три од следниве седум - Турција, Словачка, Израел, Грузија, БиХ, Италија, Украина)
Напомена дека квалификациите не се комплетирани и можни се промени, но со оглед на ранкингот на екипите, секоја промена ќе биде резултатско изненадување.