Почнато е финалното одбројување за двојната пресметка со Португалија која за награда ќе го има првото место во групата и место во вториот шешир.
Домаќинот веќе подели репрезентации во ждрепката. Во различни групи ќе играат репрезентациите на Германија, Хрватска, Исланд, Шведска, Данска и Норвешка. Кога на овие репрезентации ќе им бидат додадени Франција и Шпанија ќе имаме две групи што е невозможно да се поминат.
Португалија е многу битна за следното ЕП, но да не креваме лажна еуфорија, шансите на Македонија да биде подобар тим во домечот се само во рангот на желбите, реалност е поинаква и Португалија е големиот фаворит.
Нашиот тим се подготвува во Скопје и ќе видиме наскоро што од овој состав може да извлече селекторот Кирил Лазаров. Костадин Петров во отсуство на Жарко Пешевски ќе биде главната сила на линијата во напаѓачката формација.
„Знаеме дека Португалија напредуваше многу во последните години и играат многу квалитетен ракомет. Тие ќе бидат фаворити на овие два натпревари. Ние ќе мораме да ги искористиме најдобро што можеме нашите добри страни. Имаме време да се подготвиме, почнавме со тренинзи.
Ќе ни недостасуваат повредените соиграчи, но без оглед на сѐ ние кои ќе бидеме на терен, ќе мора да го дадеме максимумот, да одиграме машки, цврст ракомет.
Португалија е екипа и репрезентација со висок ранкинг, но имаат и тие слаби страни. Не се сомневам дека селекторот и нашиот стручен тим ќе ги анализираат добро и ќе имаме добра тактика на тие натпревари. Првенствено, да го извадат најдоброто од нас на терен“, изјави Костадин Петров.
Поврзани вести