Женската репрезентација на Македонија e поразена од селекцијата на Турција на првиот контролен натпревар што се одигра во Анкара. Домашниот состав победи минимално 25-24 (13-11).
Утре со почеток од 15:00 часот двете репрезентации ќе одиграат уште еден натпревар.
Екипата на Вецлар запиша нов бундеслигашки пораз, овој пат сосема очекуван на гостувањето кај РНЛ. Многу слабо прво полувреме одиграа избраниците на Хрвоје Хорват и Филип Миркуловски по кое беа во минус од 8-21. Филип Кузмановски во игра влезе по 10 минута кога беше 7-3, имаше еден поништен гол, веднаш потоа и една асистенција.
Другото беше доминација на РНЛ, а Кузмановски средбата ја заврши како дел од ротацијата, без шут на голот.
За среќа на Вецлар, екипата на Бергишер во финишот направи пресврт и го совлада Минден. Така, остана на табелата разликата од три бода меѓу Вецлар на 16 место (9 бода) и Минден кој е во зона за испаѓање со 6 бода за нив на табелата.
Поранешниот директор и тренер на Вардар, Русинот Едуард Кокшаров се раздели од екипата на Ростов Дон во женскиот шампионат на Русија. Сега, тој важи за најсериозен кандидат за тренерската позиција во екипата на Мешков Брест.
Францускиот тренер Тјери Анти и екипата на Екс Прованс го раскинаа договорот по серијата лоши резултати. Подолго време се шпекулираше за ваквиот епилог, дури се споменуваа и наследниците на тренерот кој цела деценија 2009-2019 беше тренер на Нант, а ги има водено и ПСЖ, Кретеј, Спортинг Лисабон...
Поранешниот пивот на Металург, црногорскиот ракометар Бранко Канкараш е нов ракометар на екипата на Металопластика. Тој откако замина од Металург играше за Макаби и потоа за Црвена Звезда.