ГРК Охрид денеска одржа прес конференцијата на која го најави утрешниот натпревар од второто коло во Суперлигата, во кое во Охрид доаѓа првакот Вардар 1961.
Охрид еднаш вети дека ќе го „испоти“ шампионот и си го одржа зборот. Сега двата тима се во плејоф каде што секоја грешка се плаќа, а Вардар одново треба да гостува во Охрид.
Во меѓувреме, Охрид направи играчки ротации, заминаа играчи, дојдоа нови. Горан Андоновски има на располагање состав во кој има и добри македонски играчи и селектирани странци, па не би смеел да биде лесен залак.
Плус за нив е и враќањето на навивачката група на трибините, па ќе има и песна и притисок во „Билјанини извори“ утре.
Денеска охриѓани одржаа и прес конференција на која зборуваа Иван Тасевски и Крсте Андоновски. Двајцата ракометари подвлекоа дека тие и нивние соиграчи се подготвени за борба и дека нема да се предадат. Повикаа што поглем број на гледачи да дојдат во салата и да им дадат поддршка.
Мотивацијата, особено по победата над вториот Е. Пелистер како гости им даде дополнителна самодоверба и сега се спремни одновно да вкрстат копја со Вардар. Јасно, кога игра Вардар во домашното првенство, фаворит има само еден. Вардар и утре ќе се прашува за бодовите, но ако црвено-црните, малку ги потценат и влезат лежерно во натпреварот, тогаш сѐ може да се случи.
Охрид, годинава не е екипа што може да се потцени и да не се плати сметка.