ВАРДАР - ПАРТИЗАН 31-26 (16-14)
Манасков 8, Талески 9, Стоилов 7 - Зечевиќ 7, Мичиќ 5
Вардар 1961 го совлада младиот состав на белградски Партизан во второто коло на групата во новиот СЕХА шампионат. Црвено-црните резултатски го контролираа целиот меч и во финишот на средбата успеаја и да го зголемат водството и со конечни плус пет да ја завршат средба.
Вардар на овој меч настапи играше главно со македонски играчи, го немаше во составот Куни Моралес, но ги имаше на располагање пролетните засилувања Јагуриноски, Аларов и Бразилецот Дутра.
Партизан допатува во Скопје со млад состав, но не разочара и покрај поразот. Напротив, играа брзо, течно и во најголем дел од натпреварот бркаа егал. Нивните акции без конкретни и брзо се развиваа.
Вардар не остави силен впечаток со играта. Победи благодарение на поголемиот индивидуален квалитет и искуство на своите играчи, што се гледа и од листата на стрелци на која тројца ракометари (Талески, Манасков и Стоилов) постигнаа 24 од 31 гол.
Резултатски, Вардар во солидно исполнета и со навивачи и со песна „Јане Сандански“ подобро отвори и поведе со два гола разлика. Напорите на гостите од Белград се сведоа на бркање на резултат. Во еден момент успеаја да израмнат (5-5), но веднаш Вардар се врати во комотна позиција да води и така беше до крајот на полувремето.
Во второто полувреме тренерот Владо Недановски прв мораше да бара тајм аут затоа што Партизан се разигра и изгледаше многу подобро на теренот. Израмнија, имаа и напад за водство гостите, пред вардаровите играчи да се соземат и да одиграат колку што им требаше за одново да се вратат во водство. Манасков и Стоилов го вратија Вардар во живот, а потоа во финишот искусно ја контролираа играта, ги натераа противниците да избрзаат и да се испогубат на теренот и на крајот да запишат и убедлива победа.
Оваа претстава беше доволна за победа над Партизан, но посилните противници чекаат на ред.
Од друга страна, битолчани утре ќе се докажуваат во Нашице, а потоа сите погледи ќе бидат свртени кон домашното првенство.