Блицеви од СП: Тетоважите на Јакобсен, рекордите на Гидсел...

Кентан Мае и Мелвин Ричардсон играа во финале на СП и беа поразени од Данска. Точни 30 години пред нив, финале на Светско првенство играа нивните татковци, Паскал Мае и Џексон Ричардсон. И беа поразени од Русија.

Матијас Гидсел му се приклучи на Микел Хансен како единствен играч кој бил во Ол стар тимот на четири големи натпреварувања по ред. Откако се појави на сцената на СП 2021, Гидсел беше во Ол Стар и на ОИ 2021, ЕП 2022 и сега е МВП на СП 2023. 
Рекордер е Ивано Балиќ кој шест пати по ред бил во најдобрата постава или МВП на големо натпреварување. 

Расмус Лауге е шестиот играч кој постигнал 10 гола во големо финале на СП. Пред него тоа го сториле Микел Хансен (2011, 10 гола), Никола Карабатиќ (2011, 10 гола), Мишел Гигу (2009, 10 гола), Хуанин Гарсија (2005, 11 гола) и Александар Тучкин (1990, 11 гола).

Матијас Гидсел е четвртиот Данец кој станал најдобар стрелец на СП. Само уште Германија и Романија имаат по четири најдобри стрелци на СП. Македонија двапати имала најдобар стрелец на СП.

Селекторот на Данска Николај Јакобсен се изедначи со Французинот Клод Онеста со три освоени светски титули. Единствен со четири е Романецот Никулае Недеф. 



Данска е првата ракометна репрезентација која три пати по ред успеала да стане Светски шампион. Од Олимписките спортови (непроверена информација), досега такво нешто и успеало единствено на хокеарската репрезентација на СССР. 

Еден од новите јунаци на Данска, Симон Питлик беше дел од кадетската репрезентација на Данска која во 2019 играше на СП во Скопје и го освои бронзениот медал.
Питлик не беше ништо посебно во Скопје, одигра само четири натпревари и беше заменет поради повреда. 
Друг репрезентативец на Данска блескаше во Скопје, а тоа е десниот бек на Алборг, Мадс Хоксер. Секако ќе чуете за него во иднина. 

Симон Питлик, Мартим Кошта, Хасан Кадах, Јулијан Костер, Јовица Николиќ се неколку попознати имиња што настапија на тековното СП, а беа дел од кадетскиот шампионат што се одржа во Македонија во 2019. 
Игор Ѓоргиев, Ненад Костески, Михајло Младеновиќ и Мартин Серафимов, пак се дури четири играчи од таа генерација што играа и тоа со сосема солидна минутажа од таа генерација во македонскиот состав. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk