Две имиња водат во Хрватска, кој ќе биде нов селектор

На девет светски првенства по ред, од сензационалното во 2001 кога освоија злато до 2019 во Данска и Германија, најслабиот пласман на Хрватска беше шестото место. Во меѓувреме имаа три медали, двапати беа во 1/4 финале, еднаш во полуфинале, пред да дојде Ковид Египет 2021 кога беа 15-ти и сега, на деветтото место.



На тековното првенство, Хрватска нагази на мина во првото коло со Египет, потоа, малку пристрасно од нас, ја надигра Данска и ќе победеше на тој меч ако имаше фер судење, но остана само на реми и впечаток дека Хрватска воопшто не игра лошо. Ги победи неатрактивните противници и во овој систем на натпреварување со 32 екипи го зазема деветтото место кое најверојатно ќе и донесе квалификации за Олимписки игри. 

Но, Хрватска е држава, каде што колегите новинари подвлекуваат ракомет се гледа само во јануари. А во јануари, многу екс хрватски ѕвезди се спремни со своето знаење и желба да ѝ се додворат на јавноста да го распарталат селекторот во живо на ТВ. И да бараат нов. А во хрватската репрезентација зад која стои Загреб, се лесни на чкрапалото кога нишанот е кон тренерот. 

Во случајов кон Хрвоје Хорват Јуниор. Овој тренер беше „спреман“ од Лино Червар како негов наследник. Се калеше додека се калеше и дојде ред да биде на кормилото. За волја на вистината, гледано од наш агол, неговиот часовник за „отстрел“ како изборник почна да отчукува во моментот кога потпиша за Вецлар и си најде алтернатива во работата и животот, надвор од маѓепсаниот круг во Хрватска. 

Уште еднаш за волја на вистината, Хрвоје Хорват се изглупира за сите пари кога во живо на ТВ праќаше срциња и како риба ја отвораше устата без да пушти глас глумејќи дека одговара на прашање.
Тука ќе направиме споредба и со Жељко Бабиќ кој прв правеше циркуз во живо, но ќе бидеме искрени, тоа-тогаш иако не доликува на селектор беше и симпатично и смешно. Ова на Хорват, нити смешно, нити симпатично. Тоа веќе беше знак на немоќ и загубена битка. Иако, Хрватска покажа дека може да ја победи и Данска со неговата ракометна филозофија.

Но, жрвтени јарци по секое СП мора да има, а сега дојде редот Хорват да биде тој со чија смена ХРС ќе ја смири разбрануваната јануарска јавност. 

Веднаш почна трката за негов наследник, а таму, бидејќи рековме дека ХРС односно Загреб е многу лесен на чкрапалотот кога нишанот е на тренерот, нема нешто ново. Од толку тренерски смени, секогаш се вртат повеќе помалку едни те исти имиња. 

Годинава на вртелешката се качи и Горан Перковац, еден од нивните своеремено познати играчи чија тренерска кариера главно е поврзана со Швајцарија. Балкански мангуп кој работи во швајцарски дизајниран систем и повремено се јавува како експерт критичар од тие горенаведените. 

Ивица Обрван, познато име, тренер-господин кој сигурно нема да праќа срциња или да глуми риба во живо на ТВ. Поранешен селектор на Македонија, проверено добар и докажан, со хендикеп во оваа трка во однос на Перковац во делот што доскоро работеше во Загреб, а и во соседството. 

Тие се топ фаворитите на хрватските медиуми, но не се само тие двајца, одново се споменува Веселин Вујовиќ, потоа Кљаиќ и нормално, ниту една ваква епизода не може да мине ако не е и Славко Голужа во игра. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk