Оф рекорд од Краков #4: Заврши нашата дружба со СП



Последната Оф рекорд приказна од Краков, ја пишувам од Скопје. Прерано заврши нашата мундијалска дружба, иако беше предвидено и дружење од Катовице или во полошата варијанта од Плоцк. 
Но, тоа што се случуваше разочарување во Краков на теренот, хајката со невидена пакост по социјалните и несоцијалните медиуми и како финиш онаа циркузантска тепачка на трибините беше too much.
Доста е, едногласно беше донесена одлука за овој мундијал во продолжение да го следиме од пред ТВ.

Клучен момент, ако мене ме прашате е оној меч со Холандија. Нереално и неосновано, а и намерно подгреваните и кренати очекувањата дека нашиот тим може во овој момент да ја победи Холандија со Лук Стеинс и Кај Смитс во врвна форма  по целосно заслужениот пораз и начинот на кој не разби оваа супер-брза екипа го пукна стаклениот сад со кој беа заштитени играчите и селекторот. Уште тогаш ја загубивме и средбата со Аргентина, тоа мене ми беше кристално јасно, но едноставно не оди пред натпревар да кажеш дека отидовме јабана. Ќе речат, па што воопшто и одевте. А и сакав да верувам дека ќе погрешам. 

- Од Норвешка ќе губиме, ама ако ја тепаме Холандија, а потоа и Аргентина и со два бода одиме во следна рунда, а таму го добиеме Катар и ако ја изненадиме Србија, ќе биде лудница“, ми рече еден пријател пред СП. Не е тој по ракометот, повеќе е по фудбал и тоа оној англискиот, помалку шпански и италијански. Ракомет гледа во јануари или кога игра Вардар ЛШ или кога играат Вардар и Пелистер. 

- Аха, а како ќе ја тепаме Холандија?  Си го видел ли некогаш Лук Стеинс, игра за ПСЖ, МВП е во Франција, трча на ракетен погон, радар на НАСА не го фаќа, оној Смит стана шампион со Магдеубрг... се обидов, еве со цело мое 25 годишно 24/7 занимавање со ракомет да го разубедам. Се откажав. Иако не е тој по ракометот, повеќе е по фудбал и тоа оној англискиот, помалку шпански и италијански, во јануари знае ракомет повеќе од мене. 

- Кој Лук бе кој кромид? Која е бе таа Холандија? До вчера ги немаше на карта денеска ќе не тепале. Се мучеа у квалификации со Грција. Која е таа Аргентина, што ако има 20 играчи во Шпанија? Не е фудбал ова. Ќе видиш што ти викам, тепаме, ако не - нека не се враќаат ич... 

Fast forward... Среќа гледал Норвешка - Холандија, и видел како ја претрчуваа и Норвешка која губеше шест, па некако се искуба за еден гол победа... Се слушаме вибер среќа функционира. Се интересираше за сѐ и сешто околу ракомет, сепак, јануари е. 

- Е добро, како направија они репрезентација? 

- Па како прво, така што цела Холандија не плукаше по нив. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk