Натпреварот со Холандија потврди дека Лазаров и Македонија нема да го имаат на својата страна трпението и времето потребно да се изгради квалитетен тим и игра. По само една вистински лоша игра, притисокот почна нагло да се зголемува.
„Холанѓаните покажаа дека се навистина квалитетен тим. Јас воопшто не сум задоволен од нашата игра на двата натпревари. Повторно потфрливме. Имаме комплетно нова генерација, нашата цел пред првенството беше да дојдеме до една победа со која ќе продолжиме во следен круг и за тоа ни останува сега само уште дуелот со Аргентина.
Ќе се обидеме во вторник да ја оствариме целта за главната фаза на првенството“ – истакна селекторот Лазаров, дополнувајќи:
„Сега ќе мора многу да зборуваме со играчите. Денеска видовме до каде сме, и тоа е нашата реалност. Да бидеме искрени, натпревари од ваков највисок ранг се добиваат само со карактер. Не е срамота да се загуби, но мора да биде достоинствено и со карактер.
А ние не покажуваме карактер и факт е дека ќе мора да поработиме на тоа. Нo, не е време да се бара виновник во овој момент. Мора да останеме прибрани и да се фокусираме на мечот со Аргентина кој е клучниот за нас на ова првенство“, изјави селекторот Лазаров.