Оф рекорд од Краков #3: За фалангата, Краков, Таурон



Ме немаше два дена со нов Оф рекорд текст, не дека ме мрзеше или немав време, туку затоа што сакав да соберам што повеќе импресии пред да продолжиме да се дружиме низ овие неракометно-ракометни приказни од Краков. 



Искрено не сакав овие текстови да се претворат во некаков вид дневник во кој ќе раскажувам како ми минал денот, не сакав ни да се потворувам многу со тоа како изгледа на пример шопинг во Краков, а има еден опасен фактори-аутлет со врвни брендови и се на 70% попуст.

Не сакав ниту одново да ја споменувам коленицата што ја служат во еден ресторан што ние си го знаеме од 2016 година, иако за идејата да одиме во тој ресторан вчера добив мишелин ѕвездичка од колегите од македонската новинарска фаланга со која обновивме една традиција на заедничко седнување и коментирање сѐ и сешто. 

Една работа ми остана во мисла уште првиот ден, а тоа е порака од еден колега од Хрватска. Се чудеше како малата и сиромашна Македонија оди со чартер на Кроација Еирлајнс и во Краков е за нешто повеќе од еден час, а големата, богата, моќна хрватска репрезентација, кандидат за медал каде и да се појави оди со редовни линии и патува 11 часа до Јонкопинг во Шведска. 
Како да му кажам. Некој овде, е подобро организиран и подобро си ја работи својата работа од некој таму. 

Сакам да подвлечам и една паралела од 2016 и сега. Таурон Арена, многу убаво здание со капацитет од 15.000 гледачи ми е некако тажен. Ги нема подтрибинските зони за забава, нема ни нешто многу публика. Јасно, Полска дури во вториот круг ќе дојде овде, а ИХФ веројатно во соработка со дистрибутерите на ТВ сигналите годинава си играа секој за себе. Па така сите натпревари се играат во 18:00 или во 20:30 часот. И на крајот, секој ќе си ги гледа своите, а тие што сакаат да гледаат повеќе, ќе мора да му ја вадат маста на далечинското, под услов да имаат на репертоар повеќе опции за гледање. А полските фанови овде, преферираат да си ја гледаат својата екипа на ТВ, а не да доаѓаат овде во сала.

Единственото ракометно во Краков, засега е македонската навивачка фаланга. Убаво изгледаше трибината на Таурон преполна со македонски знамиња и дресови. Налик на мини верзија на Ниш и Белград од 2012 иако овде е се малку поинаку и некако не многу еуфорично. Во ред, се надевам дека ќе дојат на ред и победите и ќе имаме и друг набој и причини за славење. 

Засега фаланга води овде во Краков, фан зоната грми секој ден, на трибините сме надмоќни, Краков е освоен, остана само уште едно упориште. Таурон Арена а го бранат Холандија и Аргентина. 
Вечерва, водиме втора битка. Можеби ќе го освоиме Таурон, можеби ќе остане се на последната пресметка. 

Во меѓувреме, вечерва имаме закажано уште една новинарска дружба, овој пат во „домашен“ амбиент. Или ќе славиме или ќе кукаме, трето нема. Холандија изгледаше импресивно, изјавуваа дека биле многу добро тактички подготвени и така немале проблем со Аргентина и дека се добро спремни и за Македонија. 

На таа тема поразговарвме со Изо Слујтерс, еден од попознатие играчи на Холандија. Вели вака:

„Да гледавме ваши натпревари,  Македонија е кввалитетна репрезентација составена од високи крупни играчи, што играат побавно, а нам ни е потешко да играме со такви физички силни играчи“... 

Се погледавме низ прашалници со колегата Стеван Цаки Цаневски од „Екипа.мк“, со муабет...
Овој не 'вози' нас со изјавава за корпулетниот тим на Македонија или гледале некои снимки од други времиња?!





 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk