Пишува: Ричи Ѓамовски, главен уредник на g-sport.mk
Македонската репрезентација ги заокружи подготовките за настапот на 28. Светско првенство што месецов ќе го окупира вниманието на македонската спортска јавност. Останува уште малку време да се поработи на свежината и на одбраната колку што ќе дозволи времето.

Ракометната федерација на Македонија на 3 јануари организираше меѓусебен дуел на актуелните и бившите репрезентативци пред полни трибини. Во добро осмислен и уште подобро организиран настан беше оддаден респект на некогашните ѕвезди, а тие им дадоа поддршка на сегашните, сето тоа со песна од теренот и трибините.
И за момент, ракометната Македонија беше обединета, сите со позитивни мисли и емоции, коментари. Прегрнати на терен и трибини низ нотите на македонската музика. Момент за паметење во секој случај. Ги немало многу вакви, а потребни се, ако ништо друго да не потсетат дека можеме и „вака“.
Колку ќе трае таа обединетост? После четири дена место „златни алтани“ од устите читај коментарите почна да испаѓа нешто друго.
Македонија оди на Светско првенство и додека се острат критичко аналитички пера, досега не сретнав издржана со факти анализа за тоа што е реално да очекуваме на мундијалот, резултатски. Базирано на факти, на моменталната состојба, на фаза во која се наоѓа нашата репрезентација. Не според желбите, личните убедувања, индивидуалните селекторски способности или според тоа како играле за репрезентацијата момците што на трети јануари ги гледавме во црвени дресови.
И тоа сега, пред да почне мундијалот. За да не се сведат анализите и „анализите“ на тоа кој влегол кој излегол, кој погрешил, кој шутнал и утнал.
Репрезентативните кариери на момците во црвено се заокружени. Сега момците што играа во жолто се главните на сцената, а меѓу нив го нема играчот Кирил Лазаров кој со години како единствен од топ класа правеше разлика на терен. Јасно со поддршка од одличните Стоилов, Миркуловски, Мојсовски итн. А и тие играчката зрелост ја достигнаа по 25 наполнети години, заедно како колектив.
Претохдно, ако се сеќавате, Македонија цела деценија не можеше да се пласира ниту на ЕП ниту на СП.
Со заминувањето на Лазаров, Миркуловски, Стоилов и нивните претходници се смени и играта. Ако останеше истата, ќе бевме во големи проблеми. Го знае и самиот Лазаров тој факт затоа што сега место од терен, мора од клупата да ја креира играта. Поставена е поширока база, таа почнува од кадетите, преку јуниорите и сегашната генерација. Сите мора да играат исто. Системот е поставен, но треба време да профункционира и да даде резултат. Преку ноќ, ништо не може да се направи.
Играта сега се повеќе се темели на брзина, транзиција и сигурно ќе биде поубава за око, иако тоа не значи дека ќе биде и резултатски секогаш наградено. Ќе има и горе и доле и убави и лоши моменти. Но, нема друг пат.
Ако репрезентацијата го следи трендот, стилот што се игра во домашното првенство, деновите на меѓународната сцена брзо ќе ни бидат одбројани.
Имаме нов тим веќе зад себе има резултати што го донесе на СП, а ќе го однесе и на следното ЕП. Во Краков не го завршува своето патување. Таму го почнува.
За наша жал, овој пат го немаме во групата Чиле како во 2021, или Јапонија или Бахреин како во 2019, Ангола како во 2017 или пак БиХ како во 2015... па да планираме однапред пат за главна рунда во Катовице.
Овој пат во групата ги имаме Норвешка, Аргентина и Холандија. Три одат во Главна рунда, а Македонија на хартија е фаворитот за одење во Президент Куп (како во 2019 под водство на Раул Гонзалез)
Ова не е наша констатација, такви се и коефициентите во обложувалниците. И не е мала разликата меѓу Македонија во однос на Аргентина и Холандија, за Норвешка и да не зборуваме.
И од наш агол, Македонија првенството ќе го почне од улога на аутсајдер. Ова го велиме базирано на фактите дека противничките репрезентации имаат поискусен кадар, подолго се заедно а и имаат ракометари со повисок рејтинг од македонските.
Во прилог, накратко ќе прелетаме низ составите.
Да почнеме со ред, со Норвешка. Не би трошеле зборови, само ќе кажеме дека нивни десни бекови се Харалд Рајнкинд од Кил и Магнус Род од Флензбург и дека резерва им е Кент Робин Тонесен од Пик Сегед. А таму се и Сандер Сагосен, Торборн Бергеруд, па Бјорнсен, О'Саливен итн. Сметаме дека е доволно.
Холандија не звучи опасно... за некој што не следи ракомет. Можеби Французите знаат ракомет, можеби не, ама за МВП на нивното првенство во кое играа(т), Микел Хансен, Никола Карабатиќ, Криштопанс.. го одбраа Лук Стеинс. А тој игра за Холандија. Заедно со Каи Смитс кој со Магдебург стана шампион на Германија, потоа неколку играчи од Бундес лигата со солидни минутажи и респектабилни улоги.
Аргентина има дебело ракометно досие во кое има контитинентални злата, настапи на Олимписки игри итн. Ги предводи Диего Симонет - ракометниот Меси. И неговиот брат Пабло е во тимот. И Паркер кој игра за Замалек од Египет и Москариело од Монпеље, Масиел кој лани бранеше за Барса, а сега за Бенфика и имаат армија од 22-23 играчи што играат во најсилната лига на Шпанија.
Играчки споредби, понатамошни, верувам дека не се потребни, затоа што разлика нема да се направи. Без оглед на реакциите зошто не се повикани на пример Танкоски или Карапалески. Без намера да ги коментирам уште помалку оспорувам нивните квалитети. Кај нас е традиционално и покрај малата база на играчи секогаш да има реакции и тоа не значи дека е негативно, доколку се внимава на изразувањето и намерата кога се споделува свој став и мислење.
Нема ништо да се промени и ако направиме споредба на резултатите. Не на тие од пред 10 години, туку на последните, од 2021 наваму. Аргентина ја делеа секунди од 1/4 финале на СП, а ако се сеќавате Холандија го реши домаќинот на ЕП - Унгарија пред полна сала во Будимпешта.
Што да очекуваме од Македонија, ако вака ги поставиме работите? Што е реално? Дали е пореално да победиме некого, читај Аргентина или Холандија или другата опција е пореална?
„Ако не веруваме дека некого можеме да победиме, подобро и да не одиме“, изјави Дејан Манасков пред почетокот на последната фаза од подготовките.
Македонија секако не е без шанси на претстојниот мундијал. Имаме адути во Манасков, Пешевски, Георгиевски, Митревски и новите носители Талески и Кузмановски, заедно со Јагуриновски. Но, ако мене ме прашувате, нашата најголема шанса лежи во тактичката подготовка на репрезентацијата.
Сите наши противници, вклучително Норвешка имаат нови селектори. Секој од нив ќе донесе нешто ново во екипата, а тоа не мора да значи и добро, особено затоа што претходниците на Јонас Виле, Гиљермо Милано и особено на Штафан Олсон вршеа одлична работа. Ако останеа Кристијан Берге, Маноло Каденас и Ерлингур Ричардсон, ќе имавме многу поголеми проблеми и помали шанси.
Познавајќи како сега се работи во нашиот тим, колку труд се вложува во квалитетна анализа и подготовка верувам дека Македонија ќе биде топ тактички подготвена. Колку ќе биде тоа испочитувано, односно реализирано долу на теренот зависи од повеќе фактори. Но, нашиот најсилен адут и на ова СП ќе биде Кирил Лазаров.
Големите играчи се раѓаат на големите натпреварувања, ќе го цитирам Драган Ѓукиќ од неговата вчерашна изјава за g-sport.mk. Дали ќе ја искористи некој наш ракометар оваа шанса што сега се пружа?
Ќе се случи - тоа што ќе се случи. Начинот на кој играме, а не резултатот ќе покаже не дали сме на вистинскиот пат туку каде е нашето место во моментов. Ова не е крајната дестинација на репрезентацијата, туку првата станица. Имаме нов тим што игра поинаку, немаме ѕвезди, а имаме тешки противници.
Треба да сме свесни за ситуацијата и трпеливи и конструктивни во поглед на иднината.
Ќе си дозволам и малку напред да погледнам. По ова СП не чека сигурен пласман на Европско првенство во 2024, а потоа доаѓа критичниот момент кога ќе треба да се обезбеди пласман на СП 2025. Тоа ќе биде вистински тешка мисија. Дотогаш има само уште една и пол година во која мора да се има прогрес.
Од нас зависи и ов СП и се што не чека натаму. Ако сме такви какви што бевме на трети јануари годинава, шансите за успех ни се убави.