Келце има еден месец рок за да се спаси

Полскиот весник Спортове факти објави информации за внатрешната состојба во шампионот Келце, а таа одново е драматична, овој пат со помали шанси да заврши со комплетен успех.



Ситуацијата во Келце е прилично драматична, иако паузата за претстојниот мундијал ги одложува за момент проблемите и ги става во втор план во заинтересираноста на јавноста. 

Главниот спонзор, пиварата Ван Пур што меѓу своите производи го има и пивото „Ломжа“, се повлече од 1 јануари од спонзорството. Ситуацијата во Украина која негативно се одразува на економиите низ Европа е причината поради која Ван Пур (Ломжа) нема да го одработи договорот до крај. Со нивното заминување, заминува и 30% од приходот, а тоа значи дека Келце нема веќе пари да одржи врвен тим. 

Играчите имаат џентлменски договор. Не брануваат, но само до крајот на јануари. Потоа, ако клубот не најде нов главен спонзор, ќе почнат заминувањата. 
Келце е подготвен на тоа да му заминат два-три главни играчи, но не се само тие цел на другите клубови, туку комплетниот ростер, заедно со играчите испратени на позајмица, а такви има неколку. 

Но, тоа би значело многу намалени амбиции во Лигата на шампионите и потенцијално заминување на поголем број од 2-3 играчи. Евентуално, ситуацијата би ескалирала до испаѓање од ЛШ. Веќе два месеца се трага по нов главен спонзор, наводно има кандидати, но реализација засега нема.

Келце не е прв пат во ваква ситуација, но поради споменатата криза низ европските економии, особено полската која граничи со Украина и кај нив многу повеќе се чувстуваат негативностите, овој пат можеби нема да може комплетно да се извлече. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk