Светна „Автокоманда“, Алкалоид ја „скоцка“ салата и ја претвори во своја база

РК Алкалоид пред голем број на спортски работници и љубители на ракометот ја промовираше својата нова спортска база, реновираната сала во Автокоманда. 
Спортскиот објект во кој Алкакоид ги сели своите клубови и ќе ги игра своите натпревари на домашен терен минативе неколку месеци се реновираше и прилагодуваше на потребите на клубот, но и на стандардите потребни за играње на големи натпревари кон кои цели клубот. 




Салата комплетно го има променето ликот и во иднина ќе треба да ги задоволи сите потреби на клубот. 

„Почнавме пред една и пол година, но ова што сега го гледате е едно прекрасно чувство на млади луѓе посветени на спортот.
Посакуваме да изградиме систем во кој сите ќе се вклопат и човековите вредности и растот ќе бидат на прво место. Нашата мисија ќе биде исполнета кога ќе го добиеме новиот Кире, Столе, Жути, Манасков. Кога ќе го постигнеме тоа, ќе може да кажеме дека тоа е тоа што треба.
Градиме нешто добро за македонскиот спорт, за нашата држава Република Македонија, затоа што сметам дека тоа нешто е многу важно.
Мора прво да веруваме во себеси, во тимот, во сите околу нас, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба! - изјави Живко Мукаетов.



„Оваа наша база и адаптирана спортска сала е чекор напред за поквалитетен домашен спорт, мотивирани спортисти и младинци кои ќе се градат како професионалци, со услови согласно на елитниот ракомет. Нашиот клуб останува доследен на принципот да расте и да се развива во база на квалитетни македонски ракометари кои на долгорочен план би дала македонски репрезентативци. Овој проект претставува дел од системот на РК Алкалоид, спортските и животните вредности, кои треба да се поттикнуваат со еден добар спортски систем“, изјави претседателот на клубот, Горан Минов.

РК Алкалоид денеска во рамките на настанот организиран по повод отворањето на реновираната сала го промовираше и новиот дрес со кој екипата ќе игра во Плејоф шампионатот. 



Кирил Лазаров, тренерот на РК Алкалоид ги потенцираше спортските достигнувања на клубот. 

„По само година и пол по формирањето на ракометниот клуб Алкалоид од Скопје, чест и задоволство ми е што ја имаме оваа заедничка прилика да присуствуваме на реновираниот од корен ракометен дом Автокоманда и чест и привилегија е за клуб како нашиот да имаме свој дом.
Мислам дека тоа е предуслов, основа и база за понатамошна добра и квалитетна иднина. Во изминатите години од спортски аспект сакам да кажам што се имаме сработено од спортски аспект, од што сум презадоволен. РК Алкалоид почна од првата лига и за само една година влезе во најквалитетната лига - Суперлигата.
Во меѓувреме формиравме уште еден ракометен клуб Мулти Есенс каде овозможивме на голем број македонски таленти да учествуваат во ист тренажен процес, со квалитетни услови, каде овозможуваме на таленти од Македонија квалитетно да се развиваат и да ја надополниме базата со квалитетни ракометари. Имаме и младински категории, кои се при или на врвот на табелата во македонската лига, од 2003 до 2008 годиште.
Во план сме да формираме и други помали селекции, 2010 и 2012 годиште, со што покажуваме дека мислиме на македонската ракометна иднина. Чест и привилегија ми е што сум дел од овој проект и што имам можност да работам како прв ракометен тренер во РК Алкалоид.
Мислам дека сме вистински пример не само за клубовите во Македонија, туку во регионот и тоа не само во овој спорт, туку и во сите останати. Како што минува времето, треба да бидеме уште поквалитетни“, изјави Кирил Лазаров. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk