Е. Пелистер (пак) потфрли

Еурофарм Пелистер одново им сервираше горчливо разочарување на своите фанови и се враќа со минус 12 (20-32) од Шпанија, каде и гостуваше на Бидасоа.



Е. Пелистер уште еднаш ја спушти летвичката што се однесува до капацитетот и можностите и уште еднаш ги намали очекувањата на гладната за успех публика. 
Ако на почетокот на сезонава очекувавме Е. Пелистер што ќе игра скандинавски ракомет и дека е дојдено времето „ваквиот“ Вардар да се симне од тронот... три месеци подоцна сликата е драстично променета. Сега, прашање е дали се уште некој го чувствува Е. Пелистер фаворит во однос на „ваквиот“ Вардар. 

Шпанската Бидасоа беше местото каде што битолчани по трет пат сезонава ги оставаат бодовите. Како и со Скандерборг и Берлин и овде ги оставија, со стил, со пораз од 12 гола разлика и прво полувреме во кое примија 20, а постигнаа 12 погодоци. 
А Шпанија беше местото каде што потајно се бараа бодови. Особено по нивниот пораз од 11 гола од Скандерборг минатото коло. Но, очигледно скандинавскиот ракомет што го игра Е. Пелистер многу повеќе им одговара во Бидасоа од скандинавскиот ракомет што го игра Скандерборг. 

Нема никаква потреба и корист од тоа да се фрла со дрвја и камења по битолчани. Како и да изгледаа вчера, на крајот на денот, пласманот во следната рунда практично им е загарантиран со победите над Акваш Санташ и Мотор.
Дали ќе бидат четврти во групата и ќе играат со Нексе или Гранољерс или ќе бидат трети во групата и ќе играат со Нексе или Гранољерс, во суштина не менува ништо. Второ место, не можат да бидат, тоа е поприлично јасно. 
Убаво би било да освојат уште некој бод, затоа што сето тоа се собира во новиот ранкинг за ЕЛ, но со намалени очекувања, максимумот го гледаме тука некаде. 




 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk