Преглед: Струга не се предава, важни бодови за Радовиш

Струга како гостин славеше победа во Куманово (30-27) и со овие три бода се доближи на два бода разлика од Охрид кој е на четвртото место на табелата. Позицијата на Охрид е загрозена, но имаат неколку адути за одбрана. Но, не може да биде многу комотен тимот на Горан Андоноски затоа што во следните два меча играат со силни противници. 
Вечерва со Бутел, дома, а потоа одново во Охрид со Алкалоид. 



Екипата на Радовиш го совлада тимот на Јуниор Кисела Вода како гостин (31-28) и се оддалечи на четири бода од скопскиот состав кој е на последното место на табелата во групата „Б“. 
Оваа победа драстично ги зголеми шансите на Радовиш во Плеј оф да стартува најмалку со еден бод, што ќе му даде предност како што стојат во моментов работите над Вардар Неготино и Јуниор Кисела Вода во битката за опстанок што претстои на пролет. 

Тинекс Пролет го совлада тимот на Голден Арт (28-21) и ја здебели линијата што ги одвојува екипите кандидати за Плеј оф во групата „Б“. Над таа линија се двата тима на Е. Пелистер, Т. Пролет и екипата на ГРК Тиквеш. 

Репрезентацијата на Романија која се соочува со сериозни проблеми во составот затоа што неколку играчи не сакаа да се вакцинираат, а за ЕХФ тоа е задолжително за настап на ЕП Македонија/Словенија/Црна Гора, одигра пријателски натпревар со Унгарија и иако на полувреме водеше (17-15) на крајот беше поразена (28-33).

Неофицијално, поради одбивањето да се вакцинираат комбинирано со повреди од романскиот состав ќе отсуствуваат дури 10 ракометарки. Ова можеби ќе се одрази на дуелите со Холандија и Франција во прв ред, но не е пресврт во односот на силите со Македонија.
На нашиот тим му недостасуваат шест повредени играчи и уште неколку што од разни причини не се во составот. Настрана тоа, неколкукратниот светски играч број еден - Кристина Неагу потоа Крина Пинтеа и уште неколку врвни играчи ќе дојдат во Скопје. 

По големата победа над Норвешка (33-24), репрезентацијата на Холандија со која ќе играме во Скопје, го совлада и тимот на Бразил. Овој пат, не беше многу убедлива и победи само со гол разлика (27-26). На турнирот играат уште и Данска и Норвешка, а нивниот меѓусебен дуел го доби Норвешка (28-27). 
Во последното коло се среќаваат Холандија и Данска, а Норвешка ќе игра со Бразил. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk