Бутел со два пораза се прости од Европа

Алпла Хард, екипа што европски не звучи познато му приреди приземјување на македонскиот клупски ракомет, откако ги елиминираше прво Еурофарм Пелистер 2, а сега и Бутел Скопје во квалификациите за групна фаза во Европската лига. 

БУТЕЛ СКОПЈЕ - АЛПЛА ХАРД   21-25 (5-13)
Прв натпревар 21-26. Вкупно: 42-51. 



Со четири победи вкупно, над нашите екипи „три и четири“ во елиминацискиот дел на Европската лига, австрискиот клуб Алпла Хард ни даде до знаење дека треба да бидеме многу повнимателни и пореални кога ја поставуваме онаа летвичка што треба да се прескокне за да зборуваме за успех.

Вечерва Алпла Хард го елиминираше и Бутел Скопје, откако во првото коло беше подобра од Еурофарм Пелистер 2. Оваа австриска екипа, важеше и важи за еден од најслабите тимови во втората рунда во ЕЛ. Дали оваа наша констатација е точна или не, ќе покажат натпреварите од групната фаза во која Македонија сепак, ќе има претставник затоа што Еурофарм Пелистер, нашиот вице-првак доби вајлд карта и ќе игра директно во групата. 

Бутел Скопје со минус од пет гола како багаж од првиот натпревар го почна реваншот. Во Австрија беше 26-21, а во Скопје, уште на почетокот по шест минути беше 0-3 по нешто повеќе од 20 минути беше 4-8,  а во послендните шест-седум минути, гостите со серија од 5-1 стигнаа и до 13-5, резултат со кој се замина на одмор. 
Во второто полувреме, разликата главно беше меѓу шест и седум гола, за во финишот Бутел да намали на минус четири (18-22, 56 минута) за конечно мечот да заврши со победа од 25-21 за австрискиот состав. 

Мирко Мајиќ со шест гола беше најефикасниот играч во составот на Бутел, по четири гола постигнаа Дамјан Субашевски и Филип Николов, Владимир Јефтиќ беше стрелец на три погодока, два додаде Критијан Давитковски, а по еден Мартин Манасков и Бојан Спасовски. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk